Фото: Маја Јаневска Илиева

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

Како што информираат од Управата, кривична пријава е поднесена против лицата Б.Б. во својство на поранешен градоначалник, С.Ш. и Ќ.К. во својство на поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А. во својство на раководители на сектор за урбанизам во Општина Сарај, А.Ш. во својство на помлад соработник во Општина Сарај, И.Б.Ш. во својство на раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и Љ.Т. во својство на надзорен инженер, за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик на РСМ, „Несовесно работење во службата“ од член 353–в од Кривичниот законик на РСМ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ од член 280 од Кривичниот законик на РСМ.

-Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина – соопшти Управата за финансиска полиција.

На овој начин, се вели во соопштението, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ село Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари.