Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје одреди 48-часовен краткотраен притвор за Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена која заедно со своето шестгодишно дете падна од балкон во скопската населба Карпош. Тој е осомничен за наведување на сторување самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.

Од Обвинителството соопштија дека притворот е определен со цел непречено спроведување на истрагата и обезбедување на потребните докази, вклучително и вештачења, анализа на снимки од безбедносни камери, како и прибирање материјали од извршените претреси.

 – Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата. По предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор – информираат од Обвинителството.

Според надлежните, постојат основи на сомнение дека осомничениот ги сторил кривичните дела Телесна повреда, Загрозување на сигурноста и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, предвидени во Кривичниот законик.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека против Јовановски во минатото биле евидентирани десет пријави за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Тој додаде дека осомничениот е приведен и дека против него ќе следуваат соодветни кривични пријави.

Според информациите од МВР, на трагичниот настан му претходела семејна расправија и полициска интервенција по пријава за насилство.