Фото: Маја Јаневска-Илиева

Основниот кривичен суд Скопје денеска преку соопштение реагира дека рочиштата за главна расправа биле одложени поради непостапување на Затворските установи. Директорот на затворот Бобан Утковски реагираше на критиките од Кривичниот суд и вели дека затворот во Скопје постапува согласно своите можности и капацитети

-Основниот кривичен суд Скопје, согласно заложбите за транспарентно и отчетно работење, како и ефикасно и економично водење на судските постапки со почитување на Уставно загарантираните права на странките, смета дека е потребно да ја извести јавноста дека изминатите два дена, во Кривичниот суд се одложија речиси сите притворски предмети кои уредно беа насрочени, со навремена достава на покани за странките, само заради тоа што притворените лица не беа спроведени од КПУ Затвор Скопје – стои во соопштението на Кривичен суд.

Според Судот, особено загрижува фактот што меѓу одложените расправи се и предмети од Одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 – тина обвинети од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затвор Скопје и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.

-Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата која е наменета токму за обезбедување на присуство на обвинетите лица во судските постапки, но ниту според домашното законодавство, а ниту ни според Европската конвенција за човекови права не смее да се претвори во казна. Но, во овој случај, за жал се оддолговлекуваат постапките не по вина на ниту еден од учесниците на истата – нагласува Кривичен во соопштението.

Заради тоа, додава натаму Кривичен суд, денеска Судот се обрати до Управата на Затворот со барање за итно преземање на неопходни мерки со кои овие случаи нема да се повторат, а писмото го објавуваме во целост .

Во писменото обраќање до директорот на КПД Затвор – Скопје, Судот изразува загриженост заради неспроведувањето во суд на дел од обвинетите спрема кои е определена мерка притвор.

-Почитуван директоре, Ви се обраќам со голема загриженост во однос на состојбите во последните неколку денови, односно заради неспроведувањето во суд на дел од обвинетите спрема кои е определена мерка притвор и истата се извршува во Вашата установа. Имено, судењата закажани за вчерашниот и денешниот ден се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство (во текот на денешниот ден се одложи рочиште каде што присуствуваа 12 обвинети и нивните бранители, како и јавен обвинител)- стои во соопштението.

Натаму Судот потсетува дека мерката притвор е најтешката мерка со којашто се ограничуваат слободите и правата на обвинетите за кои согласно принципот на презумпција на невиност се невини додека не се докаже спротивното, и судот за овој вид предмети постапува итно.

-И покрај сите напори и трошоци кои што ги прави судот за жал судењата сепак се одлагаат од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на закажаните рочишта. Верувам дека за истото имате разумно оправдување, но потенцирам дека Вашата институција е сервис на судот и Вие постоите од единствена причина да го обезбедите присуството на обвинетите кои што треба да бидат изведени пред суд – стои во писмото до директорот на КПД Затвор-Скопје.

Судот во писменото обраќање до директорот вели дека за жал во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат и изразува очекување дека без оглед на причините ваквата состојба да не се повтори.

Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во Затворска полиција, КПУ Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капацитети, вели директорот на затворот Бобан Утковски, по реакцијата од Основниот кривичен суд Скопје.

Утковски информира дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од планирани 19 биле реализирани 16.

-Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во Затворска Полиција КПУ Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капцитети со оглед на тоа што Затвор Скопје врши спровод на притворени и осудени лица покрај Основниот Кривичен Суд Скопје до сите судови и обвинителства низ територтијата на целата држава и тоа Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид, Кочани – наведува тој во соопштението.