Фото: Маја Јаневска Илиева

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција во моментов вршат службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“ за да утврдат евентуално учество од внатре во подметнување на пожарот на депонијата, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција во близина на депонијата.

Според информациите со кои располага, Ангелов истакна дека имало најмалку уште три обиди за палење на депонијата, но, како што рече, за среќа биле брзо изгаснати.

– Од тие причини денеска побарав припадници на полицијата на криминалистичката полиција да влезат во депонијата и да поразговараат со вработените и да дојдат до релевантни информации околу можни причинители на пожарот на депонијата. Припадниците на криминалистичката полиција моментално се внатре во депонијата, не зборуваме за конкретно осомничен, туку ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин затоа што се работи за запаливи гасови да го подметне пожарот – рече Ангелов.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Во следниот период, тој најави дека ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и зголемено полициско присуство, со цел откривање евентуални потпалувачи, бидејќи, како што рече, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично бил намален.

– Во околината на депонијата ќе има засилено полициско присуство, повеќе патроли и ќе употребиме и други методи за набљудување на самата депонија за откривање на евентуално потпалувачи, бидејќи малку е необјасниво како откако драстично ќе го намалиме огнот чадењето повторно само од себе толку многу да се зголеми – рече Ангелов.

Посочи дека во текот на вчерашниот ден дејствувала механизација, по што, некаде околу 18 часот чадењето било драстично намалено.

– Зборувам за чадење, а не за горење – вели Ангелов, појаснувајќи дека видлив оган на депонијата нема, туку се работи за чад којшто излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси кои се одвиваат на депонијата. Во текот на вчерашниот ден дејстувавме со механизација и некаде околу 18 часот добив информација дека чадењето е драстично намалено. Зборувам за чадење, а не за горење. Едноставно видлив оган нема или ќе се појави кратко на некое место и ќе исчезне, се работи за непријатна чад која што сигурно во себе содржи токсини, но чад која што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси кои што се одвиваат во делот на депонијата каде што се слева исцедокот од депонијата. Активно горење на депонијата нема – рече Ангелов.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Депонијата, додаде, е на површина од околу 85 хектари, но заграден е само делот на влезот, додека останатиот дел од каде произлегува чадот е апсолутно необезбеден.

– Површината на „Дрисла“ е околу 85 хектари, заграден е само делот кај влезот, затоа се има перцепција дека таа е оградена и обезбедена, таа перцепција е погрешна. Останатиот дел од каде произлегува чадот е апсолутно необезбеден и има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални особено тие во задниот дел од депонијата. Од тие причини, можам да кажам дека депонијата е лесно достапна за злонамерници кои што би сакале да подметнат или да го продолжат веќе постоечкиот пожар – рече Ангелов.

Фото: Маја Јаневска Илиева