Sudenje Onkologija Nino Vasev
Фото: МИА

На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, вештото лице Милан Ристевски сведочеше за терапиите и протоколите на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, посочувајќи дека во дел од контролираните случаи забележал неправилности и недоволна медицинска документација, пренесе МИА.

Ристевски изјави дека кај најголемиот дел од контролираниот препис на терапија таа била во рамки на препораките, но кај одреден број случаи имало отстапувања, како и недоволно опишани податоци за здравствената состојба на пациентите.

– Кај најголемиот дел од контролираните преписи на терапија истите беа во рамките на препораките, но кај одреден дел има неправилност во препишувањето, како и многу мал број на опишани, а потребни податоци за состојбата на пациентот во тој момент – рече Ристевски.

Тој објасни дека националниот онколошки протокол во Македонија е изработен во 2015 година и претставува копија на тогашните европски водичи, но во пракса лекарите ги следат годишните измени на меѓународните клинички препораки.

– Националните протоколи се водичи. Македонскиот е изработен во 2015 година како копија на ESMO водичите. Во клиничката пракса ги почитуваме промените што секоја година се прават во водичите на ESMO и NCCN – појасни тој.

Според Ристевски, новите генерациски лекови, како пембролизумаб и цетуксимаб, почнале да се применуваат во земјава од 2018 година наваму, додека претходно дел од нив биле достапни само преку интервентен увоз или преку посебни програми на Министерството за здравство.

Тој наведе дека кај 12 пациенти биле забележани неправилности во препишувањето на лекот бевацизумаб од страна на неколку лекари, меѓу кои и обвинетите Нино Васев и Мери Пешевска.

Во сведочењето се осврна и на организацијата на одделите за рак на дојка на Клиниката, посочувајќи дека постојат два оддела – на д-р Нино Васев и на д-р Смичковска – со значителни разлики во обемот на работа и квалитетот на медицинската документација.

– Одделот на д-р Васев има скоро три пати поголем обем на пациенти и секојдневно се прегледуваат во просек по 50 пациенти, што создава голем притисок и се одразува на медицинската документација, која е попрлично сиромашна со информации – рече Ристевски.

Од друга страна, според него, во одделот на д-р Смичковска документацијата била многу подетално и методолошки подобро водена, со ретко повеќе од 20 прегледи дневно.

Вештото лице посочи и дека во периодот од 2018 до 2022 година на Клиниката биле евидентирани 536 пациенти со рак на бели дробови, при што биле прегледани околу 480 медицински истории, а за околу 50 пациенти не биле пронајдени медицински досиеја.

На рочиштето прашања поставуваше и одбраната. Адвокатот Вељо Кадиев го потсети Ристевски дека како вештак треба да изнесува факти врз основа на доказите.

– Свесни сте дека како вешто лице вашата улога не е да изведувате сомневања, туку да изнесете факти за кои сте сигурни – рече Кадиев.

На прашање поврзано со дозирањето на лекот авастин, Ристевски истакна дека не постои лекар кој би дал доза од 1600 милиграми одеднаш.

– Апсолутно да. Инаку тој што ќе го направи тоа не е лекар, туку убиец – изјави тој.

Сослушувањето на вештото лице ќе продолжи на 18 март.

Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти. Обвинението се однесува на неправилно применети терапии кај 29 пациенти, а постапка се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години.