Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако талибанците во Авганистан во 2022 година забранија одгледување опиум, се почувствува влијание врз намалувањето на достапноста на хероин во Европа, но тоа сѐ уште е незначително. Но, од друга страна, како што наведува Европол, намалувањето на достапноста на хероин доведува до пополнување на празнините на пазарот со моќни синтетички опиоиди или стимуланси, како што се метамфетамин и катинон, кои имаат стравотно повеќе штетни ефекти врз здравјето на луѓето…

ОД НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПОЛ ЗА ДИНАМИКАТА И ОБЕМОТ НА ШВЕРЦ НА НАРКОТИЦИ

Забраната за производство на опиум и на хероин во Авганистан, која талибанците ја воведоа во 2022 година, не го намали во забележителен обем сообраќајот на овој наркотик во Европа. Главната маршрута на доставување сѐ уште е – преку Балканот.
Според извештајот на Европол, шверцерите користат уште три правци: јужниот, кавкаскиот и правецот преку Северна Европа. Новиот извештај на Европол заклучува дека заплените се намалуваат, поради тоа што шверцерите ги земаат предвид засилените гранични контроли по должината на Турција и на Бугарија. Од друга страна, се чини дека шверцот со хероин на јужната маршрута кон ЕУ е во пораст.

НА ЈУЖНАТА МАРШРУТА СЕ ДИНАМИЗИРА ШВЕРЦОТ

Дека на јужната маршрута шверцот се зголемува укажуваат големите количества хероин што заминуваат од пристаништата во Иран и Пакистан, како и значителните заплени во европските поморски градови.
Шверцерите ги користат и северните и кавкаските маршрути, но воениот конфликт помеѓу Русија и Украина веројатно придонесе за промените, па криминалните мрежи бараат алтернативни патишта.
Обединетите Арапски Емирати неодамна беа важна претоварна точка што се користи за прикривање на пратките со хероин. Таа земја е и клучен центар за перење пари.
Европскиот пазар на опиоиди е сè покомплексен и сега вклучува и фармацевтски производи и меѓународно контролирани или нови високомоќни синтетички опиоиди. Метадонот, бупренорфинот, фентанилот и неговите деривати и новите синтетички опиоиди се сè почести во податоците за ненадејна смрт.
Во текот на изминатите пет години повеќето од новоидентификуваните опиоидни супстанции пријавени до Системот за рано предупредување на ЕУ за нови психоактивни супстанции беа многу моќни опиоиди на бензимидазол (нитазен), а не деривати на фентанил како во претходните години.

ЗАСЕГА ЕВРОПА ПОМАЛКУ ПОГОДЕНА ОД СИНТЕТИЧКИ ОПИОИДИ

Во споредба со Северна Америка, ЕУ е многу помалку погодена од синтетичките опиоиди. Тоа може да се објасни со строгите регулативи, одредбите за социјална и здравствена заштита во повеќето земји и добро развиените услуги за третман на зависност од дрога.
Малопродажниот пазар на хероин во ЕУ се проценува на најмалку 5,2 милијарди евра годишно, а количеството на овој наркотик запленет од европските земји е двојно зголемено во последните 20 години. Употребата на опиоиди претставува околу три четвртини од повеќе од 6.000 смртни случаи од предозирање годишно, додека околу еден милион корисници на дрога во Европската Унија се изложени на висок ризик од сериозни здравствени проблеми.
Во 2021 година во морските пристаништа беа запленети дури 9,5 тони хероин. Речиси целиот хероин сè уште доаѓа од Авганистан, каде што талибанците ги забранија одгледувањето афион и производството на опиум. Најновите бројки за 2023 година покажуваат пад од 95 отсто и на одгледувањето и на нелегалното производство на опиум во таа земја. Одгледувањето во Авганистан минатата година беше проценето на 10.800 хектари, додека една година претходно опиумот порасна на 233.000 хектари. Производството на опиум падна од 6.200 на 333 тони во истиот период.
Минатонеделниот извештај на Европол заклучи дека тоа сè уште не предизвикало недостиг од хероин во Европа. Тој предупредува на нови опасности што би можеле да бидат резултат на нарушувања на наркопазарот.
– Забраната на талибанците за одгледување опиум, доколку се одржи, може да има значително влијание врз достапноста на хероин во Европа во иднина. Иако ќе биде потребно време за случувањата во Авганистан да се почувствуваат во ЕУ, намалувањето на достапноста на хероин може да доведе до пополнување на празнините на пазарот со моќни синтетички опиоиди или стимуланси како што се метамфетамин и катинон, кои имаат многу штетни ефекти врз јавноста, здравјето и безбедноста – наведува Европол.

[email protected]