Фото: Маја Јаневска Илиева

Во Кочани денеска ќе им биде оддадена последна почит на загинатите во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“. На плоштадот се уште има граѓани кои палат свеќи и се запишуваат во книгата на жалост, јави МИА.

Погребната церемонија во Кочани ќе се одржи во 12 часот а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна Црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан.

Од МПЦ – ОА замолуваат за достоинствено и христијанско однесување.

Погребната церемонија ќе се одржи по посебни протоколи, а на и околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број на лекарски тимови и вода за пиење.

На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски. Сите останати граѓани се замолуваат да останат надвор од портите на гробиштата и достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да оддадат почит на настраданите.

– По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа – апелираше утринава директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Денеска погребни церемонии ќе се одржат и во Штип, Облешево и Скопје.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.