Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОВР Кавадарци до кавадаречкото Основно јавно обвинителство, денеска поднесе кривична пријава против С.И., 43-годишен кавадарчанец, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, информираат попладнево од Секторот за внатрешни работи – Велес.

– Тој се сомничи дека на 27 јули во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И., 42-годишен кавадарчанец, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа – појаснуваат од СВР – Велес.

Нивната сестра В.О., на возраст од 44 години, вчера во 11 часот во ОВР – Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.

– Додека, во 13 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре. Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина – Скопје, а од погребално претпријатие, откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И. – додаваат оттаму.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење.

– Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И.., по што го спровеле во Јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото – истакнуваат од СВР – Велес.