Автобусот на битолската навивачка група „Чкембари“ бил каменуван на излезот од Скопје, по завршување на синоќешниот прв натпревар од финалето на кошаркарскиот плејоф помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, соопшти битолскиот клуб.
– Згрозени сме и го осудуваме инцидентот кој го доживеаја навивачите од Битола, од навивачката група „Чкембари“ кога по завршувањето на првиот натпревар од финалната серија од плејофот на кошаркарската лига во Скопје, на излезот од Скопје кон Битола, во возење е каменуван и демолиран автобусот со кој патуваше навивачката група „Чкембари“. Повредени се и неколку лица – се вели во соопштението од КК Пелистер.
Од КК Пелистер посочија дека очекуваат Министерството за внатрешни работи да го расчисти инцидентот и да ги открие сторителите.
Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром поведе во финалето на плејофот, откако го совлада Пелистер со 82-77 (28-23, 22-17, 15-23 и 17-14) на домашен терен.
Вториот натпревар од финалната серија се игра во вторник, исто така во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.