Фото: Маја Јаневска Илиева

Испитувањето на оштетените лица во истрагата за трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани е планирано да започне на почетокот на мај, соопшти Јавното обвинителство. Од таму информираат дека поради големиот број оштетени и засегнати лица, ќе следи дополнително известување со детали за распоредот и динамиката на испитувањата.

Обвинителскиот тим кој работи на предметот, како што велат од ЈО, интензивно презема итни и неодложни дејствија, кои во моментот вклучуваат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.

-Во тек е прибирање на сите потребни податоци и контакти од оштетените и семејствата на настраданите, како и информации за нивните полномошници. Во зависност од здравствената состојба на повредените и другите околности, обвинителството ќе ги извести сите засегнати навремено за нивното учество во постапката- стои во соопштението.

Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.

Пожарот беше предизвикан од искри од пиротехнички ефекти за време на концерт на групата „ДНК“. Дискотеката работела без валидна лиценца и прекршувала бројни безбедносни стандарди, вклучувајќи недостаток на противпожарни системи и доволно излези за евакуација.