На патерици, легнат во полициско возило, поранешниот министер Миле Јанакиески е земен од дома со судска наредба и спроведен на судење на денешното рочиште за предметот „Топлик“.
Полицијата имаше потешкотии да го смести Јанакиески во возилото, бидејќи неговата нога мораше да биде исправена. Иако пред зградата имаше четворица полицајци, го спроведоа двајца, бидејќи немаше место за сите во автомобилот.
– Постои операција, зафат. Што е интересот во овие седум-десет дена, време во кое е спречен да оди на судење – не знам. Го носат на „Топлик“. Јанакиески уште нема извадено конци од операцијата, според тоа што јас го знам од муабет со него, не е заздравена раната. За утре му е закажано вадење на конци кај докторот кој го оперираше, така што утре ќе имаме нов извештај и состојба – вели адвокатот на Јанакиески, Миланов за „А1он“
Прашан дали судијата Осман Шабани, кој го суди „Топлик“ знаел за состојбата на Јанакиески пред да издаде наредба за приведување, Миланов вели дека му биле доставени наод и лекарско мислење за состојбата на Јанакиески.
– Му доставивме вешт наод и мислење од трауматолог кој работи на ист тип повредени и операции дека има ризик да се појави тромбоза во ногата која може да предизвика сериозни последици. Има и некоја скршеница на коска, не се разбирам сега и јас точно, разберете ме. Не знам што ви кажам. Ова е силување во судството – порача Миланов.
Адвокатот кој го застапува Јанакиески вели дека не се сеќава на друг ваков случај кој е експониран, во неговата кариера.