Фото: МВР

Од вкупно 1502 издадени платни налози за сообраќајни прекршоци во изминатиот викенд (11 и 12 октомври), 958 биле за возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, наведува  Министерството за внатрешни работи во соопштение за сообраќајните контроли на патиштата низ земјава, спроведени од полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи.

-Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место – соопшти МВР.

Еевидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.

-Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така, санкционирани се 43 учесници во сообраќајот коишто не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај поради тоа што биле нерегистрирани, а три поради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии) – информира Министерството за внатрешни работи.

МВР укажува дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за побезбедни патишта.