Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во текот на изминатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево извршени се 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место.

– Министерството за здравство ја следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици. Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб кој веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите – порача министерот Алиу.

Директорот на Клиника за токсикологија, д-р Арѓенд Имери информираше дека пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба.

– Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но најважно е дека се наоѓа во добра состојба. Денеска во текот на денот уште тројца пациенти се амбулантски прегледани на Клиниката и пуштени дома – истакна д-р Имери.