Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување на истражна постапка против возачот на мотоцикл кој на пешачка патека во вторникот го прегази Југослав Николовски и избега. Од ОЈО Скопје попладнево информираа дека 25-годишниот скопјанец се сомничи за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.

– Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“. Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот. Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото – информира ОЈО Скопје.

За осомничениот се бара притвор поради тоа што избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен, што за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода. Освен тоа, ккао што велат од ОЈО Скопје, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.