Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против 65-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, при семејно насилство.
-По кратка меѓусебна расправија, осомничениот со истрел од ловна пушка која ја поседувал со дозвола, со умисла го лишил од живот сопствениот 39-годишен син, со кого живееле во истиот стан. Куршумот ја погодил жртвата во градниот кош и тој веднаш починал, а осомничениот седел во станот со безживотното тело на починатиот додека не ги пронашле – се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.