Фото: „Нова Македонија“

Истрага за тешко загрозување на општата сигурност со пожар во Струмица
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид да изврши – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик, информираа попладнево од Обвинителството.

Како што велат оттаму, осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира.

– На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина. Поради опасност од бегство и можност да го повтори односно да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор – информираат од ОЈО.