Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сомненија за сторени – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, информираше попладнево Основното јавно обвинителство.
– На 3 ноември, управувајќи автомобил „Фолксваген пасат” по булеварот „Гоце Делчев” во Скопје, тој не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал со неприлагодена брзина која не му овозможувала да запре навремено во случај на потреба или пречка. Пристигнувајќи на пешачки премин на крстосницата со улицата Лазар Личеноски осомничениот 37-годишник со предниот дел на возилото удрил во велосипед, управуван од сега починатиот Јорго Ќука, кој се движел по обележаниот пешачки премин. Од ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди и починал – велат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека надлежниот јавен обвинител одлучил да достави до Судот предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на македонска и српска патна исправа од осомничениот кој има двојно државјанство, одземање на возачка дозвола, забрана за напуштање на живеалиште и обврска да се јавува повремено кај надлежен државен орган.


































