Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица затоа што постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, информираат од обвинителството.
-Тројцата браќа од селото Дебреше, на 23 јули, со умисла и од безобзирна одмазда лишиле од живот еден соселанец со кого имале подолготрајни недоразбирања. На критичниот ден, најпрво настанала физичка пресметка меѓу еден од браќата и жртвата. По тепачката, осомничениот ги повикал и своите браќа, кои револтирани од домовите зеле огнено оружје – калашников и пиштол. Сите тројца со автомобил „Волво” со швајцарски регистарски таблички се упатиле кон куќата на оштетениот. Кога го пронашле, пукале кон него и со пиштолот и со автоматската пушка, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои жртвата веднаш починала – информираат од обвинителството.
По настанот тројцата осомничени биле задржани во краткотраен 48-часовен притвор за да се извршат сите вештачења.
-Со поведувањето на истрагата, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничените, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците кои евентуално би било потребно да се сослушаат – велат од обвинителството.