Фото: Фејсбук

Дебрани преку социјалните мрежи се збогуваат од нивниот Андреј од ДНК, дебранин и поранешен сограѓанин.

– И твојот Дебар тагува по тебе Андреј. Почивај во мир голем човеку – пишуваат тие.

Независно од националната припадност на социјалните мрежи се простуваат со Андреј негови врсници, со кои другарувал, соседи, граѓани кои ги познавале неговите родители, и сите кои се воодушевуваа на неговите изведби.

Андреј е роден 1982 годна во Скопје, но неговите родители живееа во Дебар, каде тој го помина детството, потекнува од познатото дебарско семејство Ѓорѓиевски, а неговиот татко беше раководител на секторот за урбанизам во општината.

– Андреј беше злато од дете, добро восипано, односливо, ја сакаше музиката од мали ноѕе. Ги познавав и родителите и него и неговото братче. Одеме кај нив и тие кај нас. Трагедија. Нека почива во мир, како и другите загинати. Многу млади, нема зборови за утеха. Го молам Бог што побрзо да закрепнат повредените и вакво нешто да не се повтори никогаш и никаде – вели поранешна сосетка на семејството, не можејќи да ги задржи солзите.

Дебрани го паметат и кога стана музичка ѕвезда, но, како што велат, остана оној истиот наш Андреј.

– Бев во банка во Скопје, го гледам беше пред мене на шалтер. Си помислив а мене ќе ми зборне, тој е познат а јас обичен граѓанин. Но, се излажав. Само што ме виде ми се обрати по име и така размениве спомени за детските лудории но и за Дебар каде секогаш кога имаше време доаѓаше. Не знам, не сакам да верувам дека веќе го нема – вели негов другар од детството.

Трагичната вест ја пренесуваат и сите локални портали кои се на албански јазик.

– Дебар изгуби уште еден дебранин, а Македонија голем човек и патриот. Мир во царството небесно да најдеш Андреј. Почивај во мир. Сочувство до семејството – стои во објавта на порталот Ќутети и Дибрес, пренесувајќи видео запис со неговот последен хит „ Ако утре ме нема“.

Порталите редовно пренесуваат и информации за и околу трагедијата во Кочани.