Општина Прилеп ќе им помогне на семејствата на кои им изгореа куќите
Јавните комунални претпријатија од Прилеп уште од раните утрински часови со свои екипи се присутни на местото на големиот пожар што се случи ноќеска, а во кој изгореа четири куќи од удар на гром. Ги расчистуваат остатоците од опожарените објекти.
Овие семејства, изјави градоначалникот Борче Јовчески, при повторната посета, ќе бидат ослободени од комунални давачки додека се обновуваат нивните куќи, а Општината ќе помогнела со максималната можна финансиска помош предвидена за вакви немили случки.
– На семејствата ќе им биде понудено привремено сместување во Прилепскиот интернат и во Старскиот дом и ќе добиваат топол оброк од кујната на Старскиот дом. Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите општествено одговорни компании како и сите хумани луѓе, да им излезат во пресрет и да им помогнат на овие семејства да си ги обноват своите домови, затоа што секоја помош е добредојдена – рече Јовчески, при тоа потенцирајќи дека остварил средба со сите релевантни структури и претставници на
институциите со цел да им излезе во пресрет на семејствата на кои им се случи оваа трагедија и се она што го печалеле цел живот го снема за миг.
А, семејствата велат дека пожарот се случил околу полноќ.
– Удри громот од терасата на зградата. Спиевме, ако комшијата не нѐ викнеше ќе изгоревме. Останавме без покрив на главата. Останавме без ништо, а четири фамилии сме. Јас со девојчето сум. Трагедија – изјави Пецо Илиоски, сопственик на една од изгорените куќи.
– Цело детство, младост, ми пропадна. Во куќите сите сме кој по двајца, кој со починати, маки мачевме во животот. За жал еве идат и такви моменти. Апелираме до сите органи доколку можат да ни помогнат. Непоходна ни е. За среќа повредени нема, фала му на Господ, иако сите завршивме на итна помош. Страшно, си градел, си се трудел… Ова е кошмар – изјави Марина Илијеска.
– Ги исклучив електричните апарати по грмотевиците. Кај 12.05 минути соседите викнаа оган, пламен. Ја разбудив мајка ми. Уште не бев излезена од дома, пожарникарите
беа дојдени, ама не беше исклучена струјата – изјави Ивана Илиоска од последната четврта изгорена куќа.
Соседите велат дека се се случувало многу брзо.
– Едно време слушнав силно тресок. Излегов на тераса. Гледам гори, излеговме. За
30 секунди беа зафатени сите куќи. Сѐ изгорено. Струјата не беше исклучена,
пожарникарите не можеа да гаснат. Да беше исклучена нешто ќе се спасеше – вели соседот Гоце Петрески.