Фото: МИА/илустрација

Пожар попладнево избувна на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево. Командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ), Благој Ренџов изјави дека на терен се веќе 12 пожарникари со четири противпожарни возила.

-Гори висока сува трева, ниско стеблести растенија, даб и смрека. Теренот е непристапен, а огнот има зафатено голема површина. Штотуку побараме помош од Дирекцијата за заштита и спасување да помогнат со гаснење на пожарот од воздух – вели Ренџов.

Тој посочува дека пожарот е на два километри од селото Селце, но добро е што огнот не оди кон првите куќи во селото, туку се движи кон врвот на планината. Ренџов вели дека екипите се на терен и во текот на ноќта ќе имаат дежурство. Овој дел од планината Серта секоја година гори, а пожарникарите се справуваат со огнените стихии и ги бранат куќите на овие села од огнените јазици.