Голем пожар избувна синоќа во Велес, а бел чад во текот на ноќта се издигнуваше над новиот дел од градот. Како што информираа од ТППЕ Велес околу полноќ за МИА, по 22 часот бил пријавен пожар во Фабриката за здрава храна „Аронија“ во индустриската зона на Велес во новиот дел на градот, која е дел од компанијата „Мирана“ за маргарин и други прехранбени производи.
Пожарот е локализиран, но сѐ уште има слаби чадења на одредени места. За да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби сѐ уште се на терен, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето синоќа веднаш се вклучиле повеќе пожарникари со три противпожарни возила, а на помош во дотур со вода им била ставена на располагање и цистерна со вода на ЈКП „Дервен“.
Според ЦУК, во Велес кај индустрискиот Блок, опожарена била фабриката „Мирана“, а по Барање на ТППЕ Велес била исклучена струјата во фабриката.
Фабриката во која синоќа избувна пожар е во близина на поранешната фабрика за талк „Димче Мирчев“ во новиот дел на Велес.