Преваленцата на пушење во Македонија изнесува 48,4 отсто, додека во европските земји е многу пониска, или ЕУ-просекот е 29 отсто. Во Шведска преваленцата изнесува 8,7 отсто, а во Грција и Бугарија 27 отсто. Анализата покажала дека 30 отсто од младите кај нас започнуваат со пушење пред 14-та година, а 80 отсто од нив не биле спречени кога купувале цигари

Истражување на „Аналитика тинк-тенк“: Речиси половина од граѓаните на Македонија се никотински зависници

Македонците се нација со голем број пушачи, покажуваат анализите на „Аналитика тинк-тенк“. Речиси половина од Македонците што пушат цигари се млади до 15 години, што е поразувачки податок. Близу половина од македонското население, поточно, 45,5 проценти од населението во Македонија се пушачи, а 12,4 отсто од нив се млади од 13 до 15 години.
Ова се поразувачки податоци според експертите, бидејќи поскапувањето на цигарите се чини дека воопшто не влијаело на намалувањето на оваа лоша навика.

Попусто што е познато дека цигарите имаат повеќекратни негативни
последици по човековото здравје

Според лекарите, пушењето има повеќекратни негативни последици по човековото здравје. Цигарите не само што го намалуваат апетитот туку и имаат негативно влијание врз целокупниот организам.
– Пушењето, првенствено, само по себе носи низа здравствени ризици, а најмногу се поврзува со проблеми со тежината и сo внесувањето нездрава храна бидејќи пушачите имаат поголема желба за внесување храна што има висока содржина на масти, како и брза храна – се вели во едно нутриционистичко истражување за ефектите на пушењето врз апетитот.
Според нутриционистите, пушењето го намалува апетитот и го зголемува чувството на ситост во организмот.
– Никотинот, кој е составен дел од цигарите, влијае на мозокот и на централниот нервен систем, намалувајќи го чувството за глад. Меѓутоа, тие исто така имаат страшно негативно влијание и врз целокупното здравје. Предизвикуваат респираторни болести, ги намалуваат витамините во организмот, убијци се на кардиоваскуларното здравје, а и предизвикуваат рак – вели нутриционистката Весна К.
Како што вели таа, при пушење, цигарите влијаат врз витаминскиот статус на организмот, односно, погубно дејствуваат врз внесувањето витамини, бидејќи ги уништуваат, па така, кај пушачите речиси секогаш има недостиг од многу важни витамини.
– Нутритивниот статус на пушачите е најчесто послаб поради неадекватната исхрана и поради намалениот апетит – велат податоците.
Пушачите, според анализите, не се хранат со многу овошје и зеленчук, а всушност тие се најголемите извори на витамин Ц и бета каротен, кои се намалуваат во телото при пушење.
Анализата покажала дека 30 отсто од младите започнуваат со пушење пред 14-та година, а 80 отсто од нив не биле спречени кога купувале цигари.
Преваленцата на пушење во земјата изнесува 48,4 отсто, додека во европските земји е многу пониска, или ЕУ-просекот е 29 отсто. Во Шведска преваленцата изнесува 8,7 отсто, а во Грција и Бугарија 27 отсто.

Неопходна неизоставна ТЕМА ВО редовната НАСТАВА: ШТЕТНИТЕ
ЕФЕКТИ ОД ЦИГАРИТЕ

Според други анализи на „Аналитика тинк-тенк“, кои беа презентирани во јануари годинава, а кои беа правени во соработка со универзитетот „Илиноис“ од Чикаго во 2020 годинa, Македонија е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за издигнување на јавната свест.
– Покрај тоа, штетните ефекти на тутунот треба да се воведат како тема во наставната образовна програма, почнувајќи од основните училишта, а особено во средните училишта. Развивање ефикасни услуги за откажување од пушење и да се направат достапни и овозможени за сите пушачи. Услугите за откажување во форма на консултации со медицински професионалци по телефон или лично треба да бидат широко достапни во училиштата, колеџите, ординациите на општите лекари и болниците. Да се врати примената за Законот за заштита од пушење во 2010 година, бидејќи кога беше воведена забрана за пушење во сите јавни затворени простории, значително негативно се влијаело врз потрошувачката на цигари, односно истата таа се намалила, при сите други непроменети фактори. Ова го потврдува фактот дека политиките за контрола на тутунот се важни детерминанти на потрошувачката на тутунски производи – наведува „Аналитика тинк тенк“ во соопштението поврзано со истражувањето.
Сепак, во Македонија според некои јавно достапни информации од Институтот за јавно здравје, се забележува тренд на намалување на бројот на пушачи кај децата на возраст од 15 до 16 години, односно ако во 1999 година 56,5 отсто од учениците кажале дека пушат, во 2015 овој процент е намален на 38,4 отсто.
Според експертите, денес кај младите владее повеќе здрава свест, голем дел од нив вежбаат и се хранат здраво, па честопати и пушењето кај нив се смета за исклучително лоша навика.
– Денес насекаде се промовира здравиот начин на живот, како посетување вежбалница, пешачење, спортување, планинарење, па сосема е очекувано младите да не станат зависни од цигари – вели фитнес-тренерот Владимир П. од Скопје.