Фото: „Нова Македонија“

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице за кои постои сомнение за сторено продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик.

– Пријавениот сопственик на правното лице, со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за својата фирма, лажно прикажувал факти дека врши посредување при продажба на станови и возила во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот – Скопје. Осомничениот 35-годишник од Скопје на две оштетени лица во Куманово им се претставил како вработен во Агенцијата за управување со одземен имот и со нив склучил фиктивни договори за наводна продажба на станови во Скопје и Охрид. Измамените граѓани му уплаќале пари, еден дел во готово, а еден дел на сметка на правното лице, со што осомничениот прибавил вкупна противправна имотна корист од 115.754 евра – велат од Обвинителството.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово ќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.