Се чувствувам виновен. Се каам. Се извинувам на оштетениот. Се каам за стореното. Со овие зборови, призна вина, еден од тројцата обвинети, во врска со запалена куќа во Велешко. На главната расправа што вчера се одржа во Основен суд – Велес, обвинетите Ѓоре Петровски, Даниел Димески и Сашо Муневски, беа доведени од Казнено поправната установа „Затвор – Скопје“. Тие се во притвор повеќе од пет месеци.
Обвинителство: Со запалива течност во туба, прска по подот на куќата и со запалка ја запалува
Денот 10 мај 2025 година, бил сосема обичен ден за секого, но, не било и нема да биде обичен ден за оштетениот Давид Јорданов и неговиот татко Игор Јорданов. Околу 10 часот, Давид добил повик од таткото и дознал дека сосема е уништена куќата во која тие вложувале средства и за изградба и за опремување, а уништена е со пожар.
Вака јавната обвинителка Славица Темелковски, го започна воведниот говор во судницата.
-Обвинетите се овде за да објаснат од кои причини решиле на некого, да му го уништат она, во што вложил дел од себеси. Едноставно, тие тројца се договориле да дојдат и да го предизвикаат пожарот што ќе ја уништи целокупната куќа. Муневски и Димески дошле од Прилеп во Ореше, за да го земат оттаму Ѓоре и продолжиле кон село Нежилово, поточно во место викано Капиново. Ниту Сашо, ниту Даниел, знаеле каде одат, Ѓоре бил тука за да им го покаже патот и за да им ја покаже куќата што, според нив, требало да биде опожарена. Сашо и Даниел влегуваат во дворот од куќата навалувајќи ја плетената жичана и декорирана со трски ограда. Влегуваат во куќата, Сашо со запалива течност во туба, прска по подот на куќата и со запалка ја запалува. Тие веднаш бегаат од местото на настанот, одат до возилото каде што ги чека обвинетиот Ѓоре заедно со таксистот и како ништо да не се случило, продолжуваат дома, појасни Темелковски.
Таа подвлече дека доказите што се доставени до Судот и ќе бидат презентирани од страна на Јавното обвинителство, биле доволни и ќе го потврделе и докажеле сето тоа, дека тројцата обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар.
Сашо Муневски и Даниел Димески за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292, став еден во врска со член 288 став еден во врска со член 22 од Кривичниот законик, а обвинетиот Ѓоре за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, од член 292 став еден во врска со член 288 став еден, во врска со член 24 од Кривичниот законик.
Кривичната постапка раздвоена по признавање вина
На главната расправа во Ввелешкиот суд, во врска со обвинението за запалена куќа, беа споделени и неколку информации за обвинетите. За Ѓоре Петровски, роден 1969 година, беше кажано дека е од село Ореше, општина Чашка, со основно образование и чувал кози, се води постапка и за друго кривично дело во Основен суд – Кичево. Даниел Димески од Прилеп, роден 1988 година, со средно образование и невработен, осудуван досега во минатото. Сашо Муневски, исто така од Прилеп, роден 1984 година, со средно образование и невработен, осудуван досега во минатото. Тројцата се бранат од притвор.
Петровски и Димески се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар. Муневски рече дека се чувствува виновен и признава вина.
Одбраната на Петровски во воведниот говор наведе дека ќе се покаже пред судот, дека Обвинителството нема доволно докази, за да докаже дека тој е сторител на кривичното дело.
-Во текот на постапката ќе го увериме судот дека обвинетиот Даниел Димески никогаш немал создадено свест и волја да се случи кривичното дело, туку станува збор за нешто друго. Од доказите што ќе ги приложиме и сведоците кои ќе ги сослушаме и на судот ќе му стане многу појасно за што станува збор, рече адвокатот Петар Ефремов.
По признавањето вина на Муневски, обвинителката предложи да се раздвои кривичната постапка. Да се заврши предметот за обвинетиот, кој си ја призна вината, а да се оформи нов предмет за другите двајца. Судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка против обвинетиот Муневски. Кривичната постапка против останатите двајца, да продолжи. Во продолжението на главната расправа по признанието на вина, Судот донесе решение да се изведат доказите што се однесуваат на одлуката за кривичната санкција.
Не е изгорена само куќа, изгорен и уништен е дом на едно семејство
Колку и да звучи стереотипно, факт е дека при состојба кога обвинетиот го признава извршувањето на кривичното дело, што му се става на товар, неспорно е дека Основното јавно обвинителство надвор од секое разумно сомневање, го докажало постоењето на ова кривично дело. И неговото сторување од страна на обвинетиот.
Ова го подвлече обвинителката Темелковски, во завршен збор по завршување на доказната постапка, во врска со запалената куќа и признанието на вина, од страна на еден од тројцата обвинети.
-Од тие причини, единствено што може да каже застапникот на обвинението, е, да се осврне на фактот дека, би му предложил на Судот, да го огласи обвинетиот за виновен за кривичното дело и да го осуди според законот. При одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција, да се ценат сите околности под кои е сторено кривичното дело, начинот на неговото извршување, последиците, како и личноста на обвинетиот, истакна Темелковски.
Притоа, таа додаде, да се земат предвид и отежнителните и олеснителните околности.
-Фактот дека се работи за кривично дело што е сторено по договор, дека обвинетиот е досега осудуван, но, очигледно осудите на затворски казни не влијаеле доволно во однос на неговата ресоцијализација. Неговата здравствена состојба, иако истата не му попречила, да го изврши предметното кривично дело. Па, да му се изрече соодветна кривична санкција со која ќе се постигне целта на казнувањето. Во поглед на мерката притвор, сметам дека се уште се исполнети условите поради кои истата е досега определена и продолжувана, па предлагам да продолжи и понатаму до завршување на постапката, предложи Темелковски.
Во завршен збор, полномошникот на оштетениот, Билјана Стојковска Палевска рече дека се приклучуваат кон завршниот збор на Обвинителството. Притоа предјави оштетно побарување, според вештачењето. Таа рече дека му предлагаат на Судот, освен што ќе ги цени олеснителните околности, што логично настануваат со самото признание, да ги цени и отежнителните околности. Видот и карактерот на делото, тежината, сериозната вредност што е уништена. Да има предвид дека не е изгорена само куќа, туку и изгорен и уништен е дом на едно семејство. Нешто, што, освен материјална, има и тоа како сериозна емотивна вредност. Затоа, за имотно правно барање, предложи како оштетени да бидат упатени на граѓанска парница.
Александар Кочовски, адвокат на Муневски, во завршен збор предложи Судот да ја има предвид неговата здравствена состојба и да му изрече поблага санкција, притоа ценејќи ги сите олеснителни околности.
Сашо Муневски, кој од 2013 година е лице со тежок инвалидитет, како што рече адвокатот Благоја Стеваноски, е без лев горен екстремитет. Во негово име и по негово овластување соопшти дека укажува на Судот дека без оглед што е слабо имотен човек, од недвижен имот, ниви што ги поседува неговиот татко, спремен е и дава збор пред Судот и оштетениот.
-Со нивна продажба, колку – толку, ќе се обиде да надомести дел од причинетата штета. Искрено се кае, сподели неговиот бранител.
Замоли, доколку има некаква можност, Судот сериозно да размисли за укинување на притворот. Бидејќи станувало збор за притвор, повеќе од пет месеци, затоа побара и определување некоја поблага мерка за обезбедување на негово присуство.