Денеска во 4 часот и 56 минути во ОВР – Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на улицата „Никола Минчев“ во градот, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош. Полициски службеници од ОВР – Кавадарци излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето П.Т., на возраст од 43 години од Кавадарци, кај кое и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 5:15 часот констатирала смрт, велат од СВР – Велес.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Кавадарци изврши увид на лице место во казиното каде настанал инцидентот. Се прибираат траги и докази, а првично задржани се четири лица. Издадена е наредба за обдукција на починатиот и се преземаат и други дејствија – потенцираа претпладнево за МИА од Јавното обвинителство.
Од Секторот за внатрешни работи – Велес за МИА велат дека се лишени од слобода три лица, Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци.
– Тие биле приведени и задржани во полициска станица. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото, на надзорните камери од казиното и по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава – велат од СВР – Велес, пренесува МИА.
Претходно агенцијата, повикувајќи се на д-р Антоан Паракеов, информираше дека станува збор за повреди на глава.