Денеска околу 17 часот пријавена е сообраќајна незгода помеѓу две патнички возила на патот А1 Прилеп – Росоман во близина на село Радобил. Од несреќата пет лица се здобиле со повреди, од кои три се пренесени во болница во Прилеп, а две во болница во Кавадарци, а лекар констатирал смрт кај две лица, информираа вечерва од МВР.
Оттаму соопштија дека од 18 часот сообраќајот се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата.
-Со детали соодветно ќе ја известиме јавноста по завршувањето на увидот – додадоа од МВР.
Од Обвинителството информираа дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва извршил увид на лице место.
– Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар на два автомобили кои се движеле во иста насока. Во несреќата две лица го загубија животот, меѓу кои и возачот на едниот автомобил, додека петмина се повредени. Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на траги од лице место, а ќе биде наредено и сообраќајно и машинско вештачење на автомобилите – информираа од ОЈО.
Како што велат оттаму, врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, додека кај преживеаниот возач ќе биде испитано евентуално присуство на алкохол и други супстанции.
– Се преземаат дејствија за утврдување на причините за несреќата – велат од ОЈО.


































