Фото: „Нова Македонија“

Основното јавно обвинителство во Струга предложи мерки на претпазливост за две правни лица од Велешта – забрана да ги посетуваат парцелите во селото Шум и да вршат било какви активности на тој простор.

Во соопштението се наведува дека при истражни дејствија, спроведени по наредба на обвинителството за утврдување на причините за загадувањето на водата од извориштето во Шум, биле затекнати работни машини на двете компании кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во непосредна близина на изворите.

Поради сомневање за кривични дела – „Незаконита експлоатација на минерални суровини“ (член 225-а) и „Загадување на водата за пиење“ (член 219 од Кривичниот законик), јавниот обвинител веднаш доставил предлог до судијата на претходна постапка за воведување забрани за овие правни лица.

– Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум, од каде градот Струга се снабдува со вода за пиење – се додава во соопштението.