Две лица се приведени во врска со кражбата на компјутерската опрема од просториите на Здружението на граѓани „Донирај компјутер“.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека приведен е С.М. како и А.А. кај кого бил пронајден еден лаптоп, за кој постои сомнение дека го купил од С.М.
– Станува збор за С.М., на возраст од 37 години од Кавадарци и А.А., исто така на 37-годишна возраст, од Неготино. При претрес во домот на С.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени шест лап-топ компјутери, делови за компјутер и друга компјутерска опрема, за што постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ сторено на 28 август во Здружение на граѓани на улицата „Браќа Хаџи Тефови“ во Кавадарци – се појаснува во соопштението од Министерството за внатрешни работи.
Кај А.А. бил пронајден еден лап-топ компјутер за кој, исто така, постои сомнение дека потекнува од истото кривично дело и дека го купил од С.М..
Од МВР информираат дека се што е пронајдено ќе биде вратено кај сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
И основачот на „Донирај компјутер“, Борче Стаменов на Фејсбук објави дека крадецот е фатен и дека компјутерите ќе си ги земат в понеделник.