Две лица починале, а еден малолетник е повреден во инцидент што утринава се случи во скопското село Волково. Повредениот малолетник е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Министерството за внатрешни работи потврди дека случајот е пријавен во 9 часот и дека Р.Ц и М.Н. од здобиените повреди починале на самото место. Како можен сторител се посочува М.Н.
– Денеска (24.3.2025) околу 9 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од МВР.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Марија Срцева Јовановски потврди дека на Клиниката е примен пациент од инцидентот во Волково и дека во моментот се прават испитувања.
– Пред неполни десет минути е примен пациент кој е повреден од огненострелно оружје. Во моментот се прават иследувања кај него. Генерално состојбата кај него е релативно стабилна. Пациентот по испитувањата веројатно ќе продолжи на лекување на Клиниката за пластична хирургија- изјави Срцева Јовановски.