Двајца од вкупно 16 повредени лица во сообраќајната незгода што се случи попладнето меѓу две комбиња на регионалниот пат Велес – село Извор препратени се на понатамошно лекување на скопските клиники, но се надвор од животна опасност – информира за МИА д-р Елена Левкова Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.
На лекување во Скопје се препратени 57 годишен возач на комбе со повреда на главата и 55 годишен патник со повреда на лакт.
Преостанатите 14 од вкупно 16 лица кои биле донесени во болницата се’ со полесни повреди, од кои некои се задржани, а некои по укажаната лекарска помош ја напуштија и до утре наутро ќе ја напуштат болницата и ќе си заминат дома. Со возило на Брза помош осум од повредените биле однесени на преглед во велешката Општа болница, а уште осум со приватни автомобили.
Билјана Ѓаковска портпарол на СВР Велес за МИА потврди дека се случила сообраќајка меѓу патничко и товарно комбе во 14.50 часот после крстосницата кон село Војница на угорницата кон Чашка. Екипи на СВР Велес извршиле увид за причините на сообраќајната несреќа.