Фото: Стојанче Ангелов/Фејсбук

Од вкупно пријавени девет пожари на отворен простор ширум земјава, пет пожари се активни и тоа пожарот во општина Дојран кај селото Николиќ, кај велешкото село Крушје, пожарот во општина Македонски број помеѓу селата Црешево, Локвица, Карпа и Слатина, понатаму пожарот во општина Гази Баба кај селото Раштак кон Љуботен, како и пожарот во општина Сарај.

Како што информираа денеска на заедничка прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Аљи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, во пожарот кај дојранското село Николич интервенираат Противпожарната единица на Валандово, двата Ер трактори на ДЗС и доброволното противпожарно друштво на Дојран. Во пожарот кај с. Крушје, велешко, беше посочено дека покрај Протипожарната единица – Велес, интервенираат и 30 припадници на Армијата, додека пак, во пожарот кај Македонски брод интервенира локалната Противпожарна единица и ЈП Македонија пат.

Во врска со тоа за колкава површина изгорена шума станува збор во досегашните активни пожари, директорот на ДЗС, Ангелов, вели најдобар одговор на ова прашање може да дадат надлежните од Јавното претпријатие Национални шуми.

Поголемиот дел од пожарите, Ангелов посочи дека се одвиваат на тешко пристапни терени, каде пред сѐ, вели, расте деградирана шума, нискостеблеста шума и трње, но, исто така, нагласи дека еден од пожарите има навлезено во делумно квалитетна шума.

 

– Би укажал дека поголемиот дел од пожарите се одвиваат на тешко пристапни терени, каде што пред сѐ расте деградирана шума, нискостеблеста шума и трње. За жал, еден од пожарите навлезе во делумно квалитетна шума како што е на територијата на Македонски брод во село Крапа и околните села, но генерално на повеќето места, гори ниско квалитетна шума или трња. Штетата во овој момент од аспект на екологија, секако дека не е за потцнеување, но споредено со минатата година е значително помала – рече Ангелов.

Прашан каква е состојбата на терен, директорот на ДЗС посочи дека во моментов нема ниту еден критичен пожар од аспект на загрозување на села, населби, викенд куќи или друг тип на населени места, како и дека до крајот на денот очекува пожарот кај дојранското село Николич да биде ставен под контрола.

– Поимот критично може да биде толкуван пошироко. Во овој момент немаме ниту еден критичен пожар од аспект на загрозување на села, населби, или друг тип на населени места, викенд куќи. Во овој момент два Ер трактори на ДЗС дејствуваат врз пожарот над село Николич којшто се движи кон валандовската страна и овој пожар е пред само ставање во контрола. Очекувам до крајот на денот истиот да биде ставен под целосна контрола. Таму на лице место се наоѓа заменикот на директорот на Национални шуми, со повеќе екипи на Национални шуми коишто помагаат или ја имаат водечката улога, професионалните пожарникари од Валандово, Гевгелија и Струмица – посочи Ангелов.