Во текот на вчерашниот ден полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода девет возачи поради различни сообраќајни прекршоци, меѓу кои управување возило под дејство на алкохол, возење без возачка дозвола и управување и покрај изречена забрана.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по три возачи биле приведени за возење без возачка дозвола, за управување на возило под дејство на алкохол и за управување возило и покрај активна забрана за управување возило од Б категорија.
Двајца возачи во Гевгелија и еден во Гостивар управувале возило под дејство на алкохол. Во Велес, Куманово и во општина Старо Нагоричане, пак, по еден возач управувал возило и покрај тоа што имал активна забрана за управување.
Во Тетово бил приведен возач кој управувал возило без возачка дозвола, во Прилеп малолетник управувал мопед без дозвола, додека во Кичево бил затекнат возач кој управувал нерегистрирано патничко возило без возачка дозвола.
По целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај – информираат од МВР.

































