Можеби е маркетиншки трик, а можеби и не е! Терминот „претпазливо возење“ добива ново, модерно, популарно име: дефанзивно возење! Досегашното име за возењето со кое се почитуваат стриктно сите правила и прописи во сообраќајот, се антиципираат опасностите на патот и се намалува веројатноста за сообраќајни незгоди, наречено „внимателно и претпазливо возење“, сега во модерната комуникација се нарекува „дефанзивно возење“. И тоа, според нашите соговорници упатени во сообраќајната проблематика, е навистина во ред, доколку им го привлече вниманието на возачите и ги потсети дека е исклучително важно да почнат да возат – „ДЕФАНЗИВНО“!
ПРЕТПАЗЛИВОТО УПРАВУВАЊЕ СО МОТОРНОТО ВОЗИЛО ВО СООБРАЌАЈОТ ДОБИВА НОВО ИМЕ:
Главниот град има еден од можеби најголемите проблеми во сообраќајот, а тоа не се тесни улици, туку несовесни возачи, кои со возилата управуваат несоодветно на сите сообраќајни правила и прописи. Со таквото однесување не само што го ризикуваат сопствениот живот туку тие претставуваат голема опасност за преостанатите учесници во сообраќајот. Дополнително, тие се оние возачи што ги загрозуваат оние што ги почитуваат законските прописи, оние што возат во согласност со препорачаната брзина, пропуштаат пешаци, со еден збор кажано, тие се однесуваат дефанзивно во сообраќајот. Дефанзивното возење спасува многу животи – порака што често ја слушаме, а голем број возачи не го знаат нејзиното значење. Но што значи тоа дефанзивно возење и каква практика на управување со автомобил претставува таквиот начин на возење? Дали е тоа нешто ново?
НА СКОПЈЕ МУ ТРЕБА ДЕФАНЗИВНО ВОЗЕЊЕ
Дефанзивното возење е начин на возење што свесно ги намалува ризиците на патот. Тоа се прави со предвидување на потенцијално опасни сценарија, вклучувајќи ситуации предизвикани од лоши временски услови и други возачи, како учесници во сообраќајот. Дефанзивните возачи, со друг збор наречени одбранбени возачи, всушност посветуваат многу поголемо внимание на околината, како и на однесувањето на другите учесници во сообраќајот. Пример за тоа би било да оставите доволно простор помеѓу вас и автомобилот напред, дури и кога стоите во место, бидејќи никогаш не знаете што може да се случи или што може да се појави зад вас.
Во некои земји постојат и курсеви за одбранбено возење, кои учат како да се биде побезбеден зад воланот. За издвојување е и информацијата дека во одредени земји, оние што ќе го поминат курсот можат да добијат и поевтина полиса за осигурување.
Она што е важно според инструкторите што обучуваат кандидати за возење е едукацијата уште од самиот почеток на управување со моторно возило.
– Дефанзивното возење всушност е однесување во сообраќајот. Тоа претставува свесно возење, со намалување на ризиците додека се прави тоа. Значи, ако светне жолто светло на семафорот, тоа не значи да се нагази педалот за гас уште повеќе, напротив, тоа значи да се биде особено внимателен и да се намали движењето, бидејќи во секој миг ќе се вклучи црвеното светло. Тоа значи дека кога возите, а ќе забележите пешачки премин, да ја поднамалите брзината на движење, бидејќи постои опција пешак да ја премине улицата. Кога паралелно со вас вози автобус, тоа значи дека треба да бидете особено внимателни, бидејќи од автобусот прегледноста е еднаква на нула, а тоа значи зголемен ризик во движењето. Значи, дефанзивните или одбранбените возачи се внимателни, однапред проценуваат и се однесуваат адекватно на процената – вели инструктор Печијаревски.
Тој вели дека во Скопје има сѐ само не дефанзивни возачи. Тој тврди дека дури и кандидати што тој ги обучувал по некое време „здивуваат“, па возат несовесно.
– Не знам што се случува со возачите. Кога учат да возат почитуваат сѐ. Но, како што одминува времето така и тие возат неприкладно, не ги почитуваат прописите и си го ризикуваат сопствениот живот – вели тој.
Основни совети и техники за дефанзивно (побезбедно) возење
Сообраќајната практика востановена од низа истражувања посветени на дефанзивното возење вели дека постои цел склоп на однесувања во сообраќајот што можат на луѓето да им помогнат да станат одбранбени возачи.
Издвојуваме неколку основни совети и техники што ќе ви помогнат да возите поодбранбено:
– Не вклучувајте го моторот додека сите патници во автомобилот не бидат обезбедени или прицврстени, вклучувајќи ги и децата и домашните миленици. Често проверувајте ги огледалата, особено пред да направите какви било промени во насоката.
– Секогаш почитувајте ги ограничувањата на брзината, забележувајќи дека тоа се ограничувања, а не цели сами за себе.
– Намалете ја брзината соодветно во услови на слаба осветленост, како што е ноќе или во лоши временски услови.
– Постојано внимавајте на возењето, обрнувајќи внимание на сè што се случува околу вас – како пешаци и домашни миленици или животни, особено ако сте на локални патишта.
– Не дозволувајте да ви го одвлекуваат вниманието други работи во автомобилот, како што се радиото или патниците со своите разговори.
– Заборавете на мобилниот телефон или на сендвичот додека управувате со возилото.
– Секогаш очекувајте го неочекуваното. Знаејќи дека сè може да се случи, може да ви овозможи однапред да планирате алтернативни насоки.
– Пред да седнете зад воланот, одморете се добро.
– Претпоставете дека сите други на патот се „лоши возачи“. Ова можеби звучи грубо, но ако очекувате автомобилот пред вас да помине на црвено светло или да претекнува невнимателно, тогаш можете да бидете подготвени за моментот кога ќе се случи тоа.
– Не влегувајте во расправии со други возачи за нивниот стил на возење и првенство на минување. Никогаш не обидувајте се да се тркате со друг автомобил!
Овие се универзалните светски препораки за т.н. дефанзивно возење.
И РСБСП ИМА СВОИ НАСОКИ
Не можете да влијаете како да се однесуваат другите учесници во сообраќајот, но можете да го приспособите вашето однесување на случувањата во сообраќајот, се наведува на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Оттаму нагласуваат дека треба да се биде безбеден возач, дефанзивен возач. Дефанзивниот возач не само што помалку греши туку и ги поправа грешките на другите учесници во сообраќајот.
– Бидете смирен и концентриран возач, кој фокусирано ги следи случувањата во сообраќајот. Не дозволувајте случувањата во околината, телефонот, радиото, климатизацијата, децата на задното седиште или жестоката дискусија со вашиот сопатник да ве оттргнат од вашата работа како возач – потенцираат оттаму.
Еве кои препораки до возачите ги упатуваат од РСБСП.
Бидете подготвени и очекувајте ги грешките на другите возачи. Немојте да претпоставувате за однесувањето на другите учесници во сообраќајот. Преземете дејства откако добро ќе видите и лично ќе се осигурите за однесувањето на другите учесници во сообраќајот. За пример може да се земат неодговорни возачи што ги забораваат трепкачите за покажување правец на движење и продолжуваат да возат право, а дефанзивниот возач го следи тоа и не презема ништо додека целосно не се увери во кој правец ќе продолжи да се движи возилото.
Дефанзивниот возач секогаш ги почитува правилата за ограничување на брзината. Дефанзивните возачи не возат брзо, не престигнуваат непрописно, не престигнуваат на полна линија и не возат слалом.
Секогаш користете сигурносен појас и бидете сигурни дека и преостанатите патници во вашето возило користат сигурносен појас. Дефанзивниот возач е свесен за последиците од сообраќајните незгоди и презема сѐ што е во негова можност да се заштити себеси и другите патници во возилото. Многу човечки животи може да бидат спасени ако редовно и правилно се користат сигурносен појас и соодветно детско седиште.
Кога се сомневате за нешто во сообраќајот, најдобро е да почекате и да размислите пред да донесете одлука. Доколку не сте сигурни дека имате право на првенство на минување, не преземајте ништо, размислете и реагирајте откако ќе бидете сигурни. Доколку имате право на првенство на минување, а некој од другите возачи не го знае тоа или не го почитува тоа, пропуштете го да помине. Подобро да загубите малку време, отколку да учествувате во сообраќајна незгода.
Дефанзивниот возач секогаш ги почитува сообраќајните правила и сообраќајните знаци. Сообраќајните знаци се азбуката на сообраќајот и одговорниот возач секогаш ги почитува.
Користете трепкачи. Трепкачите го покажуваат правецот на движење на возилото. Одговорните возачи секогаш користат трепкачи за да не ги збунат другите учесници во сообраќајот. Збунетоста е непријател на безбедноста во сообраќајот.
Држете безбедно растојание и бидете предвидливи во сообраќајот. Дефанзивниот и безбеден возач секогаш држи безбедно растојание помеѓу возилата, не забрзува нагло, не запира нагло и не свртува нагло со возилото.
Внимателно паркирање и внимателно престројување. Набљудувајте ги вашите слепи точки и останете надвор од „мртвите агли“ на другите.
Внимателно користете долги светла. Дефанзивниот возач секогаш внимава и се грижи за преостанатите учесници во сообраќајот и во согласност со тоа секогаш внимава да не ги „заслепува“ возачите што доаѓаат од спротивната насока.
Почитувајте ги пешаците, велосипедистите и мотоциклистите. Пешаците, велосипедистите и мотоциклистите се ранливи групи учесници во сообраќајот и секој одговорен возач треба посебно да внимава на нив: да застанува на пешачки премин, да ги почитува како рамноправни учесници во сообраќајот, внимателно да ги заобиколува и внимателно да ги престигнува.
Не возете под дејство на алкохол и избегнувајте ги возачите под дејство на алкохол. Секој возач знае дека возењето под дејство на алкохол е екстремно опасно. Дефанзивниот возач не вози под дејство на алкохол, настојува да ги идентификува пијаните возачи и да се заштити од нив на тој начин што ќе застане, ќе ги пропушти или ќе го промени правецот по кој се движи, предвидувајќи ја опасноста што може да настане делејќи го патот со пијан возач.