Фото: Aрхива / Илустрација

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги, откри и спречи криминална шема поврзана со акцизна стока – цигари. Против пет лица, меѓу кои еден возач и еден сопственик на транспортна компанија, до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава за сторени кривични дела: криумчарење и прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.

Како што информира Управата, во моментот кога првоосомничениот, возач на транспортна компанија, се обидел да направи примопредавање на цигарите во количина од 171 штека за што требало да му бидат исплатени кеш средства од 3.735 евра од нарачател на делото, истите се приведени од мобилен царински тим, а цигарите и девизите се запленети.

По преземени предистражни дејствија од Одделението за истраги при што извршени се и претреси на домовите како и форензичка анализа на мобилните уреди на сторителите, поднесена е кривична пријава до ОЈО.

– Истрагата покажа дека организираната мрежа на повеќе наврати го повторува делото – штеки цигари се купувани од грчки фри шоп и истите без да се пријават и за нив да се платат давачки, нелегално се внесувале во државата. Делото го вршат преку користење на товарно моторно возило  – цистерна натоварена со нафта. Укажуваме дека секој обид за криумчарење е казнив по закон и истиот ќе биде најстрого санкциониран – наведува Управата.