До обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски никогаш не сум доставил пари во готово, кажа поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, сведочејќи во случајот „Плацови на Водно”. Божиновски посочи и оти нема информација дали Груевски примал донации без негово присуство.
– Во Владата немаше сеф. Многу ретко влегував во канцеларијата во новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ, може да се бројат на прсти. Состаноците главно ги одржувавме во Владата. Не можам да се сетам дали имало сефови во старата зграда на ВМРО-ДПМНЕ. Во мојата канцеларија имаше два сефа, од кои едниот нефункционален – рече Божиновски, одговарајќи на прашањето на бранителот на Груевски поставен по службена должност, дали има сеф во неговата канцеларија во Владата.
Божиновски одговараше и за неговиот однос со тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски. Следното рочиште за овој предмет е закажено за 28 јануари.
Според обвинението, Груевски од 2006 до 2012 година како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така наводно прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Се тврди и дека од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно
Случајот го води судијата Илија Трпков, а обвинителката Лиле Стефанова е застапничка на обвинението.