Обвинителката Адела Бојчевиќ по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје против Стојанче Јовановски изјави дека исказот на обвинетиот не ги исполнува законските услови за признание на вина, поради што судот не го зел предвид и постапката продолжила со изведување докази. Законската застапничка на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, истакна дека очекува обвинението да биде прифатено во целост.
Во изјава за медиумите, Бојчевиќ нагласи дека признанието на вина, согласно Законот за кривична постапка, мора да биде доброволно, јасно и без присила.
-Денешното признание на вина од страна на обвинетиот воопшто не е признание, бидејќи, согласно Законот за кривична постапка, во оваа постапка се знае како се дава такво признание. Треба да биде доброволно, јасно и без присила од никого. Поради тие причини, судијата не го зема предвид целосното признание, ниту го ценеше, и затоа продолживме со изведување докази – рече Бојчевиќ.
Таа додаде дека предметот го води од самиот почеток, уште од увидот на лице место, и дека обвинението се темели на обемен доказен материјал.
-Јас овој предмет, овој настан и оваа голема трагедија ги водам од почеток, од моментот на увидот. Бев на лице место и за многу краток период, собравме навистина многу голем доказен материјал, врз основа на кој се базира обвинението за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на обвинетиот – додаде обвинителката.
Бојчевиќ потенцира дека го почитува начелото на презумпција на невиност и дека товарот на докажување е на обвинителството, при што најави дека во текот на постапката ќе бидат изведени бројни докази. Во однос на наводите за Мартин Саздов, таа посочи дека и тој е предложен како сведок и ќе биде повикан.
-Во однос на Мартин Саздов, и тој е предложен како сведок – појасни Бојчевиќ.
Во врска со одбраната на обвинетиот, обвинителката оцени дека станува збор за „чиста манипулација во насока да се избегне кривична одговорност“, но нагласи дека доказите ќе го дадат конечниот одговор.
Адвокатката Чаловска, пак, посочи дека во други држави не е невообичаено сторители на континуирано семејно насилство да бидат гонети и осудени и во случаи кога жртвите извршиле самоубиство, изразувајќи очекување обвинението да биде целосно прифатено.
-Сакам да кажам дека во другите држави не е толку чудно жртви на континуирано семејно насилство, кои што се самоубиле, а сторителите, односно нивните интимни партнери или нивните сопрузи, да бидат гонети и осудени конкретно за овие кривични дела. Така што очекуваме во целост да биде прифатено обвинението оштетени, затоа што во поширока смисла во меѓународното право самоубиство поради семејно насилство се смета за фемицид – изјави адвокатката Неда Чаловска.
Судскиот процес против Стојанче Јовановски се однесува на трагичниот настан од 2 март годинава, кога неговата сопруга Ивана го загуби животот скокајќи од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.


































