Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши против кого СВР Охрид покрена кривична пријава за „попречување на правдата“ реагираше преку објава на Фејсбук во која ја објави и пораката што му ја испратил на полицискиот началник.
– Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе – стои во пораката.
Кривичната пријава против него ја оценува како политичко прогонство и заплашување.
– Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид – наведува Бектеши во објавата.
Според Бектеши, целта за ваквиот потег, како што вели, е одмазда за поразот што граѓаните ѝ го направиле на власта на 8 мај.
– Како Крешник Бектеши, секогаш ќе се грижам за граѓаните кои се во постојан обид за заплашување, како што се моите сонародници во Охрид, Ресен, Крушево, Долнен итн. И во тоа, ништо освен Бог не може да ме спречи – вели Бектеши.
Претходно реагираше и Демократската унија за интеграција, која ваквите обвинувања против Бектеши ги оквалификува како неосновани.
– Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети – стои во реакцијата од ДУИ.
Во МВР билтенот од 25 јули беше наведено дека СВР Охрид има поднесено кривична пријава против 39-годишен жител на Кичево за кривично дело „попречување на правдата“. Во Билтенот се наведени иницијалите, а дел од медиумите објавија дека се работи за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.