Бебето што почина во Кавадарци, во болницата било примено поради обилно повраќање по хранење, соопштија денеска од болницата, откако СВР Велес информираше за смртта на двомесечното бебе и дека неговото тело е дадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Во соопштение до јавноста, директорката Гордана Ѓорчева-Камчева изрази сочувство до родителите и појасни каква била здравствената состојба на бебето при неговата хоспитализација.
– Доенче со иницијали У.М., на возраст од два месеца, беше примено на Одделот за педијатрија на 12.01.2026 година, поради обилно повраќање по хранење.
Во текот на деновите кога е тука, на нашиот оддел, детето е со уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање – информираше директорката.
По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог.
-Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но, за жал, без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта – појасни директорката.

































