Шеесетгодишен жител на Велес починал вчера откако му се слошило во полициската станица во градот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Велешанецот бил запрен од полицајци кои го легитимирале со намера да му издадат глоба за неносење заштитна маска, но тој ги оттурнал еден од нив и почнал да бега.
Човекот по кратко време бил фатен и полицајците го спровеле во станицата, каде му се слошило, а починал нешто подоцна во велешката болница, се додава во соопштението.
– Вчера во 13.40 часот на ул. Никола Карев во Велес при легитимирање на З.П.(60), тој го турнал полицискиот службеник и се дал во бегство, но набрзо бил лишен од слобода и приведен во полициска станица.
Кога З.П. бил донесен во полициската станица, му се слошило и била повикана екипа на Итна медицинска помош, која откако му пружила помош, го пренела во Медицински центар во Велес, каде што по кратко време починал – велат од МВР.
Известен е јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција во Институтот за судска медицина.