Тешка сообраќајна несреќа се случила изминатава ноќ на патот Дреново – Кавадарци, информираше рано утрово на на својата Фејсбук страница, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Според статусот на социјалната мрежа, автомобил во кој се наоѓале татко и син, излетал 22 метри од патот. Случајот го пријавило детето кое има само осум години и кое и покрај повредите, успеало да побара помош за себе и својот татко.
Синоќа во 21.42 часот дежурен оператор на 112 во ЦУК добил повик од вознемирена мајка која известила дека и се јавил нејзиниот осумгодишен син и исплашено и кажал дека возилото кое било управувано од нејзиниот сопруг, со кое тој со синот тргнал од село Дреново кон Кавадарци, излетало надвор од патот.
Оператор од 112 на ЦУК итно стапил во контакт со детето кое од повредите чувствувало силни болки, било исплашено и шокирано. Истовремено втор оператор од 112 на ЦУК веднаш ги известил Итната медицинска помош, Полицијата и ТППЕ Кавадарци.
– Благодарение на пожарникарите во постојана комуникација со детето, колата е пронајдена, а двајцата со тешки повреди, од Општата болница Кавадарци се пренесени во Скопје. Браво за нашиот мал херој кој и покрај повредите, успеал да се јави и да побара помош. Со зборовите „гледам само темница, заглавен сум, се ме боли, а татко ми не дише“. Се молиме за нив – напиша Јанчев.
Исто така синоќа, во 21.17 часот, на единствениот европски број за итни повици 112 во ЦУК е добиен автоматски повик од Ајфон 14 од телефонски број од Србија, кој содржел известување на англиски јазик дека корисникот на телефонот доживеал сообраќајна несреќа и дека не е контактибилен вклучително и аудиокоординати на местото на кое се случила несреќата, известува ЦУК.
Операторот на 112 во ЦУК итно го известил дежурниот центар во МВР давајќи ги координатите на несреќата. Веднаш потоа била испратена полициска патрола која врз основа на добиените координати неколку минути подоцна го пронашла возилото кое било излетано надвор од регионалниот пат Неготино – Штип пред село Пепелиште, непосредно пред мостот на Вардар.
Возачот и патниците во возилото не биле повредени.