Веќе втор ден течат активностите на Црвениот крст за поддршка за настраданите во пожарот во Кочани. Црвениот крст продолжува и понатаму со сите механизми за хуманитарна помош за настраданите граѓани и нивните семејства со нудење прва психолошка поддршка, прва помош, транспорт и материјална поддршка, преку ангажирани 120 лица од редот на вработените и волонтерите, информираат попладнево од организацијата.
– Во интензивна комуникација со релевантните институции се следи ситуацијата и се прават проценки на потреби за хуманитарен одговор. На пунктовите на Црвениот крст пред болниците во Скопје, Штип и Кочани, граѓаните може да добијат дополнителни информации за нивно сместување, освежување, храна, прва помош и прва психолошка помош. Граѓаните можат да добијат прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје – наведуваат од Црвен крст.
Оттаму упатуваат благодарност до сите кои досега донирале и се дел од оваа хуманитарна операција за поддршка на настраданото население.
– Досега се обезбедни вкупно 6.484.916,00 денари. За сите идни донации замолуваме да се следат нашите повици со цел ефикасно да одговориме на идентификуваните потреби – потенцираат од Црвениот крст.
Оттаму се осврнуваат и за помош и поддршка на лицата хоспитализирани во земјите во регионот, во соработка со партнерските национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина.
– За лицата во болниците во Република Бугарија, Црвениот крст на Бугарија ќе овозможи транспорот, сместување, психосоцијална поддршка и друг вид на помош за членовите на семејството на повредените лица. Информации за помош може да се добијат со контакт во бугарски Црвен крст: (+359) 02 492 30 40 и Црвен крст на Република Северна Македонија: (+389) 71 341 985. Информации за хоспитализираните лица може да се добијат на јавување во Министерството за здравство на Република Бугарија: (+359) 02 805 03 00 – наведуваат од Црвениот крст.
За лицата во болниците во Република Србија, Црвениот крст на Србија ќе овозможи поддршка за членовите на семејството на повредените лица од пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во таа држава. Информации за помош може да се добијат со контакт во Црвен крст на Србија: (+381) 62 880 15 18 и Црвен крст на Македонија: (+389) 71 341 985.
– За лицата во болниците во Република Хрватска, Црвениот крст на Хрватска ќе овозможи поддршка за членовите на семејството на повредените лица од пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во таа држава. Информации за помош може да се добијат со контакт во Црвен крст на Република Северна Македонија: (+389) 71 341 985 – додаваат од Црвениот крст.
Оттаму повикуваат и понатаму граѓаните да ги покажат хуманоста и солидарноста за обезбедување помош за настраданите семејства.