Фото:Официјален фејсбук профил

Србија стои на располагање на Македонија со сите свои расположливи капацитети, истакна српската амбасадорка во земјава, Невена Јовановиќ.

– Веќе успеавме да згрижиме одреден број повредени во несреќата во Кочани, а еден број од нив и денеска патуваат за Белград – изјави таа, по потпишувањето во Книгата на жалост што беше денеска отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Таа од име на Република Србија и во нејзино лично име изрази најдлабоко сочувство, како до семејствата на настраданите така и до државното раководство и сите граѓани на Република Северна Македонија.

-Србија тагува заедно со вас, нашите мисли се со братскиот македонски народ и со сите граѓани на Северна Македонија и мислам дека не постои личност во Србија која не заплака поради она што се случи во Кочани, ние се трудиме на сите можни начини да споделиме со Вас оваа болка и да ја пружиме сета расположлива помош онака како што вети претседателот Вучиќ и нашето највисоко раководство и веќе успеавме одреден број пациенти да ги згрижиме во здравствените установи на Република Србија, еден број од нив и денеска патува за Белград, изјави српската амбасадорка.

Повтори дека Република Србија стои со сите свои капацитети на располагање на земјава „за да сите заедно колку толку ги ублажиме последиците на оваа несогледлива трагедија“.

Според последните информации 59 лица загинаа а 155 се повредени во страотниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во саботата вечер.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се испратени на лекување во странство, преку кризниот штаб кој во изминатите 24 часа го кординираше процесот. Дополнително уште дваесетина ќе бидат транспортирани во болници во Австрија, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Унгарија.