фото: ЕПА

Разбиена е широкораспространета балканско-јужноамериканска криминална мрежа

Деновиве во јавноста беше објавена веста дека успешно била откриена широка и високоорганизирана наркомрежа со интернационални размери. Акцијата на повеќе национални полиции била координирана, а фокусот за реализација бил во Колумбија и Еквадор, каде што во корен биле сосечени операции на наркокланови, кои месечно од двете споменати земји испраќале и до пет тони кокаин во Европа, а особено на Балканот, како и во САД. Според информациите лиферувани во јавноста, во операциите биле лишени од слобода барани криминалци од Балканот.

Црна заработка од наркотици по две милијарди долари годишно?!

Според информациите, се проценува дека шверцерите на дрога од Балканот здружени со мексикански наркокартели, за кои полициски извори тврдат дека се меѓу главните организатори на нелегалната трговија, заработувале по две милијарди долари годишно. На пример, во текот на 2023 година беа запленети 2,7 тони кокаин. Со последните апсења, акцијата „Гран феникс“ по цела година заврши успешно пред неколку дена, односно во саботата изминатиов викенд. Според официјални полициски извори, целосно била разбиена една од најраспространетите криминални организации за шверц на дрога. Само со последната операција била спречена месечна пратка од пет тони кокаин.

Од Јужна Америка право кон Балканот, а потоа низ Европа

Дека Колумбија е земјата рај за производство и шверц на кокаин говори и спектакуларната акција на колумбиските власти реализирана во мај минатата година, кога колумбиската морнарица ја заплени најголемата наркоподморница во историјата на Колумбија. Подморницата била долга 30 метри и широка три метри, а во неа имало три тони кокаин.
Властите ја откриле на пат кон Централна Америка, а таа е најголемата досега откриена наркоподморница. Ваков тип пловни објекти за таа намена Колумбија почна да користи во 1993 година, а во тоа време беше земја со најголемо производство на кокаин во светот.
Во текот на изминативе три децении, морнарицата запленила 228 подморници што носеле илјадници килограми кокаин, пловејќи кон Балканот, Европа, односно САД.


Албанските криминални кланови длабоко инволвирани во наркобизнисот

Приносот на листовите кока во Колумбија, според Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации, достигнал рекордни 230.000 хектари во 2022 година, што е за 13 отсто повеќе од претходната година, додека потенцијалното производство на кокаин се зголемило за 24 отсто, на 1.738 метрички тони годишно.
Безбедносни извори тврдат дека Еквадор стана една од најважните извозни платформи за кокаин произведен во Колумбија.
Колумбиските власти веќе некое време се решени да го разбијат наркокартелот Клан дел Голфо, чија мрежа се протега до 28 држави низ светот, меѓу кои дел се и на Балканот, откако беше уапсен лидерот на криминалната група пред неколку години. Само неговата организирана криминална група била во сојузништво со пет меѓународни картели и мафијашки групи.
– Пет мафии и меѓународни картели се столбовите преку кои Клан дел Голфо ја шверцува дрогата – Халиско и Синалоа во Мексико, мафиите во Калабрија и на Сицилија, како и балканските мрежи. Во мрежата се забележани 28 држави, меѓу кои е и Албанија.

[email protected]