фото: Маја Јаневска Илиева

Адвокатската комора реагираше остро на дописот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски во врска со предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во своето соопштение, Комората порача дека тврдењата на обвинителството се неосновани, неточни и претставуваат мешање во независноста на адвокатската професија.
Од Комората наведуваат дека адвокатите биле целосно запознаени со обвинението и доказниот материјал, спротивно на тврдењата на обвинителот дека даваат коментари „без да ја знаат содржината на обвинението“.

Според нив, со поднесувањето на обвинението тоа станало достапно за јавноста, а со тоа и за сите правни застапници.
Во однос на наводите дека адвокатите го нарушиле угледот на судот, Комората нагласува дека ниту еден адвокат не постапувал спротивно на Кодексот за професионална етика.

– Адвокатите имаат уставно и законско право на слобода на изразување, да даваат правни мислења и критички осврти во предмети од јавен интерес – се наведува во реакцијата.

Тие додаваат дека досега нема забелешки од ниту еден суд дека бил нарушен неговиот углед, и оттука не е јасно зошто Јавното обвинителство се впушта во проценки кои не се во негова надлежност.

Комората потсетува дека досега повеќе експерти и правни аналитичари укажале дека, со оглед на бројот на обвинети и оштетени лица, процесот реално ќе трае подолго. Затоа, реакцијата на обвинителството на ваквите забелешки ја сметаат за неразбирлива.
– Досега не е утврдено дека ниту еден адвокат на кој било начин ја одолговлекувал или оневозможувал постапката. Напротив, истрагата во целост ја водеше Јавното обвинителство – се наведува во соопштението.

Оттаму потсетуваат дека токму обвинителството во изминатиот период јавно изнесувало детали за обвинетите и нивните дејствија, пред обвинителниот акт формално да стапи на сила.

Комората потсетува дека во случајот има повеќе од 60 загинати и над 200 оштетени лица, а адвокатите настапуваат и како бранители на обвинетите и како полномошници на оштетените, што, како што велат, ја исклучува можноста за намерно одолговлекување на постапката.

– Судот вложи максимални напори за обезбедување услови за почеток на процесот и тоа го цениме – стои во реакцијата.
Во завршницата, Адвокатската комора порача дека обвинителството не е суд, туку странка во постапката, и дека со вакви дописи се повредува независноста на адвокатите и се создава впечаток дека се врши притисок врз одбраната.

– Ова судење ќе биде тест за ефикасноста и правичноста на целиот правосуден систем. Сите страни мора да постапуваат професионално и со взаемна почит, водејќи се од принципите на владеењето на правото – завршува соопштението на Адвокатската комора.

Пред неколку дена јавниот обвинител Љупчо Коцевски го испрати писмото до претседателот на Адвокатската комора на Македонија во кое реагираше за нивната работа.

– Најостро реагирам на начинот на кој некои адвокати јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и однапред изнесуваат неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка, без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата – беше наведено во писмото на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

– Обнителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедување докази во корист на неговиот клиент согласно член 306 од ЗКП. Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 на 9 октомври, како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не и бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција –  наведува Коцевски во писмото.

Тој додаде дека адвокатите треба да го почитуваат Кодексот за професионална етика, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува.