Фото: Маја јаневска Илиева

Одбраната на обвинетите во случајот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на денешното рочиште побара спојување на тековната судска постапка со новиот обвинителен акт против 13 полициски службеници, кој се однесува на истиот кривично-правен настан. Рочиштето се одржува во судницата во „Идризово“.

Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, предложи да се води единствена постапка, потсетувајќи дека на 30 јануари 2026 година Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Скопје поднело обвинителен акт против 13 полициски службеници, пренесе МИА.

– Нов предлог заради целисходност и правилност и праведно утврдување на фактичката состојбата одбраната предлага спроведување на единствена постапка со спојување на овој кривично-правен предмет со кривичниот предмет којшто е заведен пред овој ист Суд. Имено, во меѓувреме додека се води оваа главна расправа од страна на ОЈО ГОКК Скопје на ден 30.1.2026 година до Судот беше поднесен обвинителен акт против 13 полициски службеници кои што се обвинуваат за истиот кривично-правен настан како соизвршители, со истото кривично дело на обвинетите кои што се тука – изјави Коцевска, истакнувајќи дека одвоеното водење на предметите може да доведе до различни судски заклучоци за утврдувањето на фактичката состојба.

Кон овој предлог се приклучија и останатите бранители. Адвокатот на обвинетиот Шефкет Хазари, Петре Шилегов, истакна дека спојувањето на постапките е правно оправдано и неопходно.

– Приклучувајќи се на наводите на бранителот на првообвинетиот во оваа постапка, сметаме дека е најцелисходното нешто кое што треба да се направи, од причини што не може да има два предмети за ист крвично-правен настан. Уште повеќе што не ги знаеме исказите на обвинетите дадени пред ЈО во таа постапка ниту ни се доставени – рече Шилегов.

Од друга страна, обвинителите кои го застапуваат обвинителниот акт во овој предмет посочија дека не се надлежни да се произнесуваат за постапката што се води против полициски службеници во рамки на ОЈО ГОКК.

– Ние обвинителите од овој тим не сме надлежни да постапуваме по предмети кои што се водат кривични постапки за почициски службеници, ниту имаме можност како обвинители кои што не работат во ОЈО ГОКК, да работат со полициски службеници да се произнесеме по ова прашање. Ова прашање е надминато уште од самиот почеток, зачудува барањето на одбраната за спојување на псотапката, кога истата одбрана тука пред Судот приговараат за спојување на двата предмети. Внимателно пристапуваме не сме овластени да се произнесуваме дали има основа за спојување и да говориме во име на друго надлежно обвинителство – нагласија од Обвинителството.

На рочиштето судот информираше и за писмениот одговор од затворот во Куманово, испратен по реакциите од минатата расправа дека првообвинетиот бил изложен на нечовечко постапување.

– Во врска со добиените сознанија од медиумите дека притвореното лице се жали на нечовечко однесување од службени лица во затворот во Куманово. На 26.02.2026 година од страна на раководниот тим е извршен разговор со истиот, каде што обвинетиот посочи дека нема никаков проблем со било кој вработен во затворот. Имаше забелешки за душекот во којшто спие, како и за чести претреси. Ако притвореното лице има потреба од специјален душек треба истото да биде поткрепено со соодветна медицинска документација – било наведено во дописот на затворот.

На почетокот на расправата, обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој била сместена дискотеката „Пулс“, побара од судот да биде ослободен од присуство поради влошена здравствена состојба.

– Го молам судот нешто да преземе. Јас не можам да се борам со животот. Како да дојдам кога не можам, немам сили да доаѓам на судење – посочи Милковски.

Судијката Дијана Груевска Илиевски истакна дека судот е запознаен со неговата здравствена состојба и дека е во постојана комуникација со лекарите.

Според неа, лекарите ја информирале дека кај Милковски е пронајдена бактерија, но дека состојбата не е сериозна.

Обвинетиот, кој и на претходните рочишта се жалеше на здравствени проблеми, повторно инсистираше судот да преземе мерки, посочувајќи дека во спротивно можно е да не се појави на некое од следните судења.

Во врска со тоа, судијката Груевска-Илиевска порача дека „првиот пат кога нема да се појави обвинетиот на судење, ќе му биде определен притвор“.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна ноќта на 16 март минатата година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Судскиот процес се одвива под засилени безбедносни мерки и се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители, а судењето продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.