Фото: Нова Македонија

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој е осомничен за примање поткуп, пренесе МИА.

Од Судот информираат дека е прифатен предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување притвор по три основи – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.

Според истрагата, Анакиев бил фатен со обележани пари, откако од побарани 100.000 евра преку посредник – шпедитер, примил прва рата од 50.000 евра.

Обвинителството наведува дека осомничениот вршел притисок врз службени лица да не дозволат увоз на стока, која подолг период била задржана на граничен премин, со цел да изнуди поткуп за нејзино пуштање.

Притворот е определен откако Обвинителството отвори истражна постапка против осомничениот за кривично дело примање поткуп.