Јавниот обвинител, Љубомир Јовески рече дека верува оти не постојат законски или било какви пречки за да биде објавена потерницата за екс-премиерот, Никола Груевски, на листата на Интерпол.
Тој изрази очекување дека состојбата ќе биде решена во брзо време, а за тоа, како што рече, задолжена е обвинителката Вилма Русковска.
-Не ми е познато како напредува во тој дел, но верувам дека нема законски или било какви пречки за објавување на потерницата- рече Јовески.
Јавниот обвинител по потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Академијата за судии и обвинители, ЈОРМ и ОБСЕ/ОДИХР беше запрашан дали до крајот на мај ќе има обвинение, на што одговори дека во оваа фаза не може да се говори за тоа.
-Во овој момент не може да се говори бидејќи истражната постапка е при крај, па откако ќе заврши истражната постапка ќе се знае каква одлука ќе донесе Јавното обвинителство. Дали ќе поднесе обвинение или ќе донесе друг вид на јавно обвинителска одлука- рече Јовески, додавајќи дека не сака да се прејудицираат работите во моментов.