Половина час пред судот првообвинетиот за „Рекет“, Бојан Јовановски образложува зошто треба да му биде заменета мерката притвор со домашен. Тој случајот го нарекува „трагично кривично правен предмет, трагично наречен Рекет“.
– Лица кои се вклучени во оваа постапка слободно се шетаат, а тука некој си игра правда над мене. Сакате да постапам како Милески, да кажам Катица Јанева е виновна и да ме пуштите? Или да кажам Ременски е виновна за Меѓународен сојуз? – рече Јовановски.
На тоа реагираше обвинителката Вилма Русковска, а Јовановски и рече: „не се дери, не мора да ги покажувате вашите гласовни способности”.
– Мојата здравствена состојба е шпанска серија. Не можам да го реализирам мојот хигиенско диететски режим. Ете, отстранети се сомнежите за малигнитет и тоа е среќна вест, но мене ми треба посебна исхрана, не можам тоа да го правам во затворска ќелија – рече Јовановски.
Судијката Васка Николовска Масевска го ислуша Јовановски, по што рочиштето беше завршено.