Потпретседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ, со полициска придружба денеска дојде во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска за случајот со работата на невладината. Мандиќ се товари за помагање при извршување на кривичното дело перење пари.
По Мандиќ, со документи од „Меѓународниот сојуз“ дојде нејзиниот бранител, Душко Јанковиќ.
Мандиќ се наоѓа во куќен притвор повеќе од два месеца, откако судот позитивно одговори на барањето од обвинителката Вилма Русквоска која побара ваква мерка поради превентива од бегство, уништување на докази и влијание врз сведоци.
Пратеничката Фросина Ременски, која во петкот со часови вршеше увид во доказите, и денеска е во Обвинителството каде продолжи да врши увид. Според информациите од Обвинителството, таа треба да даде исказ утре. Ременски е осомничена дека помагала во извршувањето на делата „Измама“ и „Перење пари“
Другите осомничени во овој случај, Бојан Јовановски познат како Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска, треба да дадат исказ во петок.